Паметите кога бомбици беа многу популарни? Можеби се уште се… јас не сум направила бомбици сигурно 10 години. Има премногу други интересни рецепти… Ама еве еден сосема нов и дефинитивно интересен рецепт за нов тип на бомбици. Морам да признаам дека името бомбици и на македонски и на англиски звучи малку без врска. На овие прекрасни мали чуденца им треба ново име. Рецептов има повеќе чекори, но сепак е едноставен. Се прави многу едноставна торта и фил, кои потоа се мешаат и од нив се обликуваат топчиња. Топчињата се преливаат со стопено чоколадо, и или се оставаат како бомбици, или може да се стават на стапчиња за лижавчиња. Топчињава се сериозно вкусни, ама кога ќе се направат како лижавчиња, тогаш се неверојатно слатки !!
белите се мои, млечно чоколадните се на Џипу
Торта
1 1/2 шоља шеќер – (300 гр.)
1 3/4 шољи брашно (250 гр.)
3/4 шоља какао
1 и пол лажиче прашок за печење
1 и по лажиче сода бикарбона
пола лажиче сол
2 јајца
1 шоља млеко (240 мл.)
1/2 шоља зејтин (120 мл.)
1 ванилин шеќер
1 шоља жешка вода (240 мл.)
Загрејте ја рерната на 200 C степени. Во голем сад, измешајте ги сите суви состојки. Додајте ги јајцата, млекото и зејтинот и измешајте ги убаво со миксер. На крај додајте ја жешката вода (зовријте ја и веднаш додајте ја во тестото). Не се грижете, тестото ќе биде многу течно. Намачкајте со зејтин и потоа со брашно едно големо тавче (ама не оние огромни ниски плехови кои ја зафаќаат цела рерна). Ви треба подебело тесто, не текно како вообичаено за торта. Јас ја печев тортата во тавче 30 х 22 см. Печете ја околу 30 – 35 минути, проверете со нож или чачкалица дека тестото е испечено.
Фил
125 гр. путер (пола пакување) – омекнат на собна температура
200 гр. крем сир (на пр. Дукатела или АBC)
околу 70 гр. шеќер во прав
Со миксер измешајте ги трите состојки.
Оставете ја испечената торта да се олади. Кога ќе биде сосема оладена, во голема посуда, испокршете ја целата торта и со вилушка иситнете ја. (Не користете миксер за овој чекор) Додате го филот во иситнетата торта, дел по дел, додека не постигнете тесто кое е како влажна земја. Пробајте да направите топче од смесата. Ако лесно се формира и не се распаѓа, тогаш смесата е совршена, ако не, додајте го целиот фил. Јас го искористив целиот. Убаво измешаната смеса ставете ја во фрижидер саат -два, да се стегне малку. Така полесно ќе се формираат топчињата. Овој рецепт дава околу 55 – 60 топчиња, ако не сакате да ја искористите целата доза, можете да ја замрзнете смесата од тесто и фил, и следниот пат кога ќе ви треба десерт, одмрзнете ја, формирајте ги топчињата и декорирајте ги.


Обликувањето на топчињата не беше толку лесно. Можете да забележите на сликите дека оние со бело чоколадо се малку деформирани. Колку посовршени ги направите топчињата, толку поубаво ќе изгледаат облеани со чоколадо. Ова мене ми беше прв обид, ама видов дека смесата е многу флексибилна, и дека колку повеќе ги обликувам топчињата, толку подобри формите излегуваат. Не се плашете да го стиснете тестото убаво.

Рецептов е инаку доста забавен. Можеби како јас, ќе откриете таен талент за декорирање бомбици во вашето семејство. Додека јас неколку часа бев опседната со топчињава, мојот сопруг Џипу дојде во кујната и за една минута направи 3 совршени лижавчиња ! Во ваков случај веднаш изедете го доказот и продолжете со сопствениот проект. Нема потреба никој да знае дека некој друг го бива повеќе за декорирање.

За околу 30 топчиња јас стопив 100 гр. бело и 100 гр. млечно чоколадо.

Искршете го чоколадото на коцки и ставете го во стаклена или керамичка посуда, која е доволно голема да стои врз тенџере. Тенџерето наполнете го до пола со вода, ставете го на тивок оган, но не ја зовривајте водата. Стаклената посуда ставете ја врз тенџерето и во неа ставете го чоколадото. Мешајте го и топете го полека. Кога ќе биде стопено, додајде само 2-3 капки зејтин (не маслиново масло). Внимавајте да не зоврие водата, за да не го изгори чоколадото.


За обичните бомбици, со мало лажиче ставете ги едно по едно топчињата во стопеното чоколадо и полијте ги од сите страни. Повторно со лажиче извадете ги и ставете ги на површина покриена со хартија за печење (за подоцна да може да ги одлепите). За лижавчињата: ставете по едно топче на стапче за лижавче (или ако не може да најдете, тогаш на дрвено стапче). Држејќи го стапчето брцнете го топчето во чоколадото и истересете го вишокот чоколадо. Ставете го лижавчето да се олади или во чаша, или како што ја направив, во поголемите дупчиња на едно ренде.
За да ги декорирате топчињата, по обливањето со стопено чоколадо, почекајте неколку секунди и потоа украсете ги со мрвици. Ако чекате премногу долго, чоколадото ќе се стегне и украсите нема да се зацврснат. По декорирањето, на топчињата ќе им треба два- три саата сосема да се стегнат, или помалку од тоа ако ги ставите во фрижидер. Јас немав место, па ги оставив во кујна со отворен прозор, за да биде воздухот ладен.
Се надевам ќе ги пробате и ќе ни оставите коментар како ви испаднале.
Инаку рецептот за торта и фил е супер и може да го искористите за нормална торта или за cupcakes.
Print Friendly, PDF & Email
previous post: Палачинки со тиква / Pumpkin pancakes
next post: Чомлек / Chomlek

Leave a Reply