Citrus tarts | Sitno seckano

некако, како се стопли времето, веќе не посегнуваме по мандарини или портокали. а ги имавме, па иако цитрусни тартови не ми се нешто што на прва би избрала, во слаткарница или да го направам, сепак решив да ги искористам мандарините за нив.

Citrus tarts | Sitno seckano

понекогаш филот на ваквите тартови е толку кисел што собира уста, или премногу брашнест. ама по овој рецепт, кој е и многу едноставен, филот е со сок од мандарини и лимони и е многу вкусен. можете да измешате и портокали или грејпфрут. тестото е моето универзално тесто за пити, тартови, галети и кростати.

Citrus tarts | Sitno seckano

тесто:

2 шољи брашно

1 лажица шеќер

110 g путер, ладен

2 – 3 лажици павлака

неколку лажици вода (по потреба)

измешајте ги брашното и шеќерот, па додајте го путерот исечен на коцки и мешајте со прсти или со блендер за тесто додека не се направат зрнца. додајте ја павлаката и една по една лажица ладна вода и мешајте го тестото сé додека не успеете да ги споите зрнцата во топка тесто.

тестото може да се направи и неколку дена однапред и да стои во фрижидер додека не ви притреба, или да се замрзне на подолго време.

премачкајте ги модлите за тартчиња со путер. развлечете го тестото со сукало, врз малку побрашнета површина. исечете кругови малку поголеми од модлите и притиснете ги на дното и страните од модлите. избоцкајте го дното на неколку места со вилушка и ставете ги тестата да се печат празни околу 10 минути во рерна загреана на 175°C. во меѓувреме направете го филот.

фил:

225 g кефир (или јогурт)

100 g шеќер во прав

2 јајца

100 ml сок (за толку сок ми требаа 2 лимона и 2 мандарини)

2 лажици брашно

изматете го кефирот со шеќерот, со рачна маталка. додајте ги јајцата, повторно изматете, па сокот и брашното. полуиспечените теста оставете ги малку да се оладат, па во нив истурете го филот и вратете ги да се печат уште 20 минути, или додека филот не е стегнат. послужете ги тартчињата оладени.

од овој фил ми излегоа 7 мали (со пречник од 7 cm) и 2 поголемки (со пречник од 10 cm). ако ви остане од тестото, замрзнете го за некоја следна прилика.

Citrus tarts | Sitno seckano

 

Print Friendly
previous post: Шненокли / Floating islands
next post: Кинески пржен ориз со пилешко / Chinese chicken fried rice

Leave a Reply