Marble cake | Sitno seckano


некако, не знам како, поминале 10 години откако го почнавме овој блог. дури не ни размисливме убаво што и како ќе правиме кога го почнавме. да се отвори блог беше лесно и еден ден во март 2009та сликавме една пита со овесни снегулки и мед, јас го напишав рецептот и блогот почна.

Marble cake | Sitno seckano

на почетокот не се грижевме многу за сликите, важно беше јадењето да е вкусно. наскоро даниел почна да ги фотографира јадењата онака како што заслужуваат, па и блогот се разубави. еден период сликавме и објавував рецепти (а и маја исто) многу често, сé што вредеше да се покаже. па дојде период кога имам многу малку време да му посветам на блогот и решив тоа да се рецепти кои ми е многу важно да останат запишани, ама не само во мојата стара тетратка, како погачата со сирење.

такво е и ова колаче. мајка ми и баба ми го имаат направено безброј пати додека бев дете. подоцна јас го употребив рецептот како основа за колач со тиква или со слатко од портокали. еве го оригиналниот рецепт, малку дотеран од моја страна затоа што ставам малку помалку шеќер, и користам кефир наместо млеко.

Marble cake | Sitno seckano

3 јајца
1¾ шоља шеќер
3 шољи брашно
1 шоља кефир (или млеко, јогурт)
1 шоља сончогледово масло
1 кесичка прашок за пециво (15 g)
1 кесичка ванилин шеќер (8 g)
⅓ шоља какао, за темниот дел

изматете ги сите состојки освен какаото. сипете половина од тестото во подмачкано тавче со димензии отприлика 17 х 30 cm.

во останатата половина додајте го какаото, изматете, па истурете ја темната смеса врз светлата. со нож или стапче промешајте само малку, да се направат шари и ставете го колачот да се пече во рерна загреана на 200°C. по 20 минути намалете ја температурата на 150°C и печете го колачот уште околу 25 минути, или додека не е целосно испечено во средината (проверете со дрвена чепкалка).

ако површината почне да загорува, а внатре сé уште не е испечен, покријте го лабаво со хартија за печење или фолија. мојов колач е прилично темен заради какаото кое го употребив.

Marble cake | Sitno seckano


Print Friendly, PDF & Email
previous post: Чоколадни мафини со банана / Chocolate banana muffins
next post: Тарт со маскарпоне и јагоди / Strawberry mascarpone tart

Leave a Reply