Oatmeal three ways | Sitno seckano

толку многу ги сакам овесните снегулки, што никако да ги објавам рецептиве. почнувам да пишувам, па се предомислувам, никако да ги најдам вистинските зборови да ги опишам и постојано одложувам. а поважно е да ви кажам дека овесните снегулки се многу вкусни, ептен лесно се подготвуваат и се комбинираат со сé и сешто, па сигурно ќе најдете нешто што ќе ви биде по мерка.

Oatmeal three ways | Sitno seckano

ова се само некои начини на приготвување овесни снегулки кои ги правиме често во последно време. количините се отприлика за еден, т.е. еден како мене. на гладен тинејџер му треба повеќе, некому друг можеби помалку. не се строги рецепти до кои мора да се придржувате, гледајте ги само како насоки или идеи за да ве поттикнат да си правите овесни каши. прилагодете ја количината на течност за да добиете густина по ваш вкус. јас најчесто имам дома два вида овесни снегулки: ситни и тенки, кои брзо се потопуваат и се варат, и цели, на кои им треба малку повеќе време. често користам и овес во цело зрно. на крајот има рецепт и за него. а на сликите се појавуваат и ‘ржани снегулки. интересно е да се пробаат и да се вмешаат и тие, или јачменови или некои други.

Oatmeal with honey and walnuts | Sitno seckano

овесни снегулки со мед и ореви

ќе почнам со овие, бидејќи се првиот начин на кој ги јадев овесните снегулки и се навлеков на нив пред повеќе од дваесет години.

3 лажици овесни снегулки

½ шоља млеко

1 лажица мед

шака мелени ореви

во лонче или мало тенџере ставете ги млекото и овесните снегулки и варете ги на средно неколку минути, додека кашата не почне да се згуснува. мешајте постојано, за да не се залепат на дното. потоа додадете ги медот и мелените ореви. кога ќе се додаде мед, кашата ќе стане малку поретка.

Overnight kefir oatmeal | Sitno seckano

овесни снегулки во кефир

ова е одличен начин да имате скоро спремен појадок кога ќе станете наутро. правам кефир дома, и обично кога го процедувам, цедам дел во кутија или тегла, навечер ги додавам снегулките, а наутро овошје и други додатоци. згодно е и за носење на работа.

Overnight kefir oatmeal | Sitno seckano

3 лажици овесни снегулки (или мешавина од овесни, ‘ржани и јачменови)

3/4 шоља кефир (или јогурт, кисело млеко)

ленено семе, сончоглед, семки од тиква

банана

домашен џем од сливи

помешајте ги кефирот и снегулките. додајте семиња ако сакате, затворете ја теглата и ставете ја во фрижидер. може да стои и два-три дена. семките можат да се додадат и пред јадењето, ама мене ми се повкусни отстоени.

пред да ги јадете, или пред да тргнете на работа, додајте во теглата исецкано свежо овошје, некое суво овошје, слатко, џем или мед, јатки… мене ми се допаѓа вкусот на овесните снегулки сами во кефирот, па додавам само малку работи. обично некое домашно слатко или џем и некое свежо сезонско овошје.

Oatmeal | Sitno seckano

овесни снегулки во микро

3 – 5 лажици овесни снегулки

½ шоља млеко

додатоци:

1 лажица суво грозје или суви брусници

1 лажица чиа семчиња

1 лажица путер од кикирики

1 лажица домашен џем од праски

јаболко или крушка

помешајте ги овесните снегулки со млекото во сад погоден за микробранова и ставете ги да се готват минута – две. времето зависи од типот на снегулките и од јачината на микробрановата, па пробајте прво со готвење пократко време и вратете ја кашата на уште пола минута или минута ако не е доволно згусната.

потоа додајте свежо и суво овошје, семки, џем или мед, путер од кикирики, какао…

овес во цело зрно

понекогаш правам за појадок сварен овес во цело зрно. сварете го овесот во вода во однос 1:6. ова е доволно за 2 оброка.

¼ шоља овес

1 ½ шоља вода

додатоци

мед

крушка

бадеми

ставете ги овесот и водата во тенџере, на шпорет. кога водата ќе зоврие, намалете ја температурата и варете го овесот околу половина час на тивко, или додека не е целосно омекнат. потоа додајте мед, свежо овошје, јатки… јас во ваква, блага варијанта го сакам овесот со малку течност. инаку, добар е и како солен појадок.

Oatmeal breakfasts | Sitno seckano

други интересни идеи за разигрување на овесната каша:

со печени сливи и кајсии

посипана со чоколадна гранола

сварена во млеко заедно со кесичка чај english breakfast

со сладолед

со какао

со парченца путер од какао

со печени дуњи

со динстани јаболка и ореви

Print Friendly, PDF & Email
previous post: Колачи со чоколатца / Chocolate chip cookies

Leave a Reply