Знаете како некои денови, со саати стоите во кујна, сецкате, мешате, мерите, толчите … едноставно уживате во готвењето? Ви доаѓаат интересни идеи, јадењето полека се крчка и се е совршено во светот? И јас така… најчесто. Всушност скоро секој ден ….. освен оние денови кога ништо не иде како што треба, уморна сум, иритабилна и најважно од се многу гладна. Во такви денови, ем ми треба јадење ем имам сила и трпение за само 5 минути во кујна. Рецептов е совршен за вакви ситуации, а пестово може да се јаде со лепче, со тестенини, врз варени компири, како прелив врз салата од домати … што значи брз и вкусен оброк кој може да го адаптирате со состојките кои ги имате дома.

Идејата е од овој интересен сајт. За пестово ви треба или мал блендер или посуда и толчник (ама со блендер е се разбира многу полесно).

1 китка магдонос (исчистен од поголемите гранчиња)
1 лукче
една шака ореви
една шака црни маслинки (без семки, или семките исчистени)
околу 100 грама ситно изрендан пармезан, пекорино романо или биено сирење (биено сирење е одлична замена за пекорино романо)
околу 80 мл. маслиново масло (или третина чаша од 250 мл.)
бибер (сол не ви треба бидејќи и сирењето и маслинките се доволно солени)


Ако користите блендер, ставете ги сите состојки во него освен маслото и изблендирајте ги, потоа додајте го маслото на два или три пати. Ако пестото го точите во толчник, почнете со лукчето, па магдоносот и маслинките и на крај додајте го сирењето и маслото. Ако го јадете пестото со тестенини, по варењето на тестенините, кога ќе ги цедите, задржете настрана 1 чаша од водата во која се вареле, и ако пестото е премногу густо за нив, додајте неколку лажици од оваа вода кога ќе го мешате пестото со тестенините.

Пестово, ставено во чиста тегла во фрижидер, ќе трае околу недела дена, а можеби и подолго.

Print Friendly, PDF & Email
previous post: Пилешко во кокосово млеко / Chicken in coconut milk – Murgh Malai
next post: Поклон за фановите на Ситно Сецкано на Фејсбук … Giveaway for our Facebook fans

Leave a Reply