сигурно знаете дека јајцата од препелица се многу здрави. за сите нивни здрави состојки прочитајте повеќе на страницата на “наша фарма“, од каде што се овие мали шарени, а моќни јајца. а ние имаме идеја како да ги подготвите.
за лиснатите тартчиња ви треба:
лиснато тесто (јас користев купечко)
рендан кашкавал
сланина
пиперка
јајца од препелица
откако ќе се одмрзне, исечете го лиснатото тесто на помали квадрати или правоаголници. засечете го на околу 1 cm од ивицата да направите нешто како рамка која ќе го држи филот, само не го засекувајте тестото до долу, туку само до средина. ставете ги тестата да се печат во рерна загреана на 180°C околу 10 минути, додека не нараснат и не почнат малку да се заруменуваат, ама да не се целосно испечени.
сланината можете да ја испржите на кратко, во тавче без масло, или 20 – 30 секунди во чинија во микробранова печка.
јајцата од препелица се навистина мали и ако ги кршите како кокошкини, можно е жолчката да се растече. тоа не е проблем ако правите кајгана, но за овие тартчиња поубаво е жолчката да биде цела. најлесно ќе ги отворите ако со нож исечете отприлика една третина од врвот на јајцето.
извадете ги тестата од рерна и со лажиче притиснете го малку средишниот дел, да направите вдлабнатина за филот. ставете врз секое малку рендан кашкавал, сланинче, кругче пиперка и јајце од препелица, и вратете ги да се допечат уште 8 – 10 минути, или додека белката од јајцето не е целосно зготвена.
за варење е потребно многу помалку време отколку за јајца од кокошка. јас ги варев овие 3 минути откако водата зовре, а потоа ги оладив во ладна вода, ги чукнав од неколку страни за лушпата да се распука и ги вратив во водата. кога водата ќе навлезе помеѓу лушпата и белката, многу лесно се лупат.
варените беа многу вкусни на кростини од потпечен домашен интегрален леб, со мајонез, кашкавал, патлиџан, пиперка и босилок.
next post: Лепливи пилешки крилца и компири печени на сол / Sticky chicken wings and salt-roasted potatoes