слатките компири ги планирав за бургери. често правам веге-бургери од некој зеленчук, а со сладок компир се многу вкусни. ама бојата на овие слатки компири, додека ги пасирав, ме предомисли и веднаш ги пренаменив за пита.

Purple sweet potato pie with sourdough pie crust | Sitno seckano

веќе имав готово тесто во замзнувачот, што ја скрати целата работа. сум ја правела и со портокалов сладок компир, само вака изгледа многу понеобично. виолетовава има и малку подруг вкус, скоро како костен-пире, особено со шлагот.

моето тесто беше направено со кисел стартер (маја, природен квасец) кој го користам за правење леб, со вишокот кој останува кога се храни стартерот. се добива вкусно тесто, само ми се чини дека побрзо омекнува со стоење. веќе вториот ден е помеко и влажно. па затоа еве ги овде и рецептот за нормалното тесто и за оноа со маја, ако ја имате и ако сакате да пробате и такво.

Purple sweet potato pie with sourdough pie crust | Sitno seckano

тесто:

2 шољи брашно (од кои 2 лажици пченкарно, а другото бело и интегрално)

1 лажица шеќер

110 g путер, ладен

2 – 3 лажици павлака

неколку лажици ладна вода (по потреба)

измешајте ги брашното и шеќерот, додајте го путерот исечен на коцки и мешајте со прсти или со блендер за тесто додека не се направат зрнца, а од путерот останат само помали грутки. додајте ја павлаката и една по една лажица ладна вода и мешајте го тестото сé додека не успеете да ги споите зрнцата во топка тесто.

тестото може да се направи и неколку дена однапред и да стои во фрижидер додека не ви притреба, или да се замрзне на подолго време.

тесто со маја:

2½ шољи брашно (измешав интегрално грахам и тип 500 и по малку ‘ржано и пченкарно)

1 лажица шеќер

150 g путер

2 лажици јаболков оцет

1 шоља стартер

малце ладна вода, ако има потреба

измешајте ги брашното и шеќерот, додајте го путерот исечен на коцки и мешајте со прсти или со блендер за тесто додека не се направат зрнца. додајте ги оцетот и стартерот, промешајте и додајте вода ако треба за да се спои сé во топка тесто.

на побрашнета површина, развлечете го тестото со сукало и потоа притиснете го на дното и на страните од тавче со пречник од 22 cm, премачкано со путер. исечете го вишокот тесто, а ивицата украсете ја во некоја форма, или оставете ја како што е. ставете го тавчето со тестото во фрижидер или замрзнувач додека го правите филот.

Purple sweet potato pie with sourdough pie crust | Sitno seckano

фил:

2 средни слатки компира или 1 поголем, испечени*

2 јајца

¼ шоља путер, стопен

½ шоља млеко (или кисела павлака)

2 лажици шеќер

½ лажиче цимет

½ лажиче мелен ѓумбир

малку мускатно оревче и каранфилче

јас ги печам слатките компири завиткани секој посебно во фолија, на 175°C, од 20 – 40 минути во зависност од големината. може и без фолија, ама завиткани мислам се печат порамномерно. боцнете ги со вилушка за да видите дали се омекнати и готови. потоа излупете ги и испасирајте ги.

додајте им ги другите состојки за филот и изматете со миксер. сипете ја смесата во тестото и ставете ја питата да се пече во рерна загреана на 175°C. во мојата рерна готова е за околу 30 минути. тестото треба да биде заруменето, а филот стврднат, ама не пресушен.

шлагот не е обавезен, ама добро доаѓа.

Print Friendly, PDF & Email
previous post: Хумус од цвекло / Beetroot hummus
next post: Брза погача со сирење / Cheese pogacha

Leave a Reply