All posts in “ванила”

Marble cake | Sitno seckano

Шарен колач / Marble cake


некако, не знам како, поминале 10 години откако го почнавме овој блог. дури не ни размисливме убаво што и како ќе правиме кога го почнавме. да се отвори блог беше лесно и еден ден во март 2009та сликавме една пита со овесни снегулки и мед, јас го напишав рецептот и блогот почна.

Marble cake | Sitno seckano

на почетокот не се грижевме многу за сликите, важно беше јадењето да е вкусно. наскоро даниел почна да ги фотографира јадењата онака како што заслужуваат, па и блогот се разубави. еден период сликавме и објавував рецепти (а и маја исто) многу често, сé што вредеше да се покаже. па дојде период кога имам многу малку време да му посветам на блогот и решив тоа да се рецепти кои ми е многу важно да останат запишани, ама не само во мојата стара тетратка, како погачата со сирење.

такво е и ова колаче. мајка ми и баба ми го имаат направено безброј пати додека бев дете. подоцна јас го употребив рецептот како основа за колач со тиква или со слатко од портокали. еве го оригиналниот рецепт, малку дотеран од моја страна затоа што ставам малку помалку шеќер, и користам кефир наместо млеко.

Marble cake | Sitno seckano

3 јајца
1¾ шоља шеќер
3 шољи брашно
1 шоља кефир (или млеко, јогурт)
1 шоља сончогледово масло
1 кесичка прашок за пециво (15 g)
1 кесичка ванилин шеќер (8 g)
⅓ шоља какао, за темниот дел

изматете ги сите состојки освен какаото. сипете половина од тестото во подмачкано тавче со димензии отприлика 17 х 30 cm.

во останатата половина додајте го какаото, изматете, па истурете ја темната смеса врз светлата. со нож или стапче промешајте само малку, да се направат шари и ставете го колачот да се пече во рерна загреана на 200°C. по 20 минути намалете ја температурата на 150°C и печете го колачот уште околу 25 минути, или додека не е целосно испечено во средината (проверете со дрвена чепкалка).

ако површината почне да загорува, а внатре сé уште не е испечен, покријте го лабаво со хартија за печење или фолија. мојов колач е прилично темен заради какаото кое го употребив.

Marble cake | Sitno seckano


Cheesecake for two | Sitno seckano

Чизкејк за двајца / Cheesecake for two

понекогаш сакате брз десерт, без вклучување рерна, ниту микробранова. овој чизкејк во чаша се прави без печење, можете да направите само една или две чаши, а можете и да го дуплирате рецептот (или триплирате) и да подготвите повеќе чаши за повеќе луѓе.

Continue Reading…

Шненокли / Floating island | Sitno seckano

Шненокли / Floating islands

не знам зошто почесто не правам вакви едноставни рецепти. можеби изгледа како многу работа и како да е комплицирано кога ќе ги видите шненоклите, ама толку едноставно и брзо се прават. и не знам што ми е повкусно, дали жолтиот крем или белите кнедли. особено кога се убаво оладени во фрижидер. од истите секојдневни состојки како млечникот, а целосно друг резултат. посебно вкусни направени со свежи селски јајца од “наша фарма“.

Continue Reading…

Mlechnik - a dessert made from milk, eggs and sugar | Sitno seckano

Млечник / Mlechnik

ова едноставно благо мајка ми порано многу често го правеше. а и моите две баби, само имаа различни рецепти. едната вака, само од млеко, јајца и шеќер и го викаше и јајчаник, а другата со кори. тој рецепт со кори го немам, ама баш сакам да го најдам. а ваквиот млечник, ладен, од фрижидер, мене ми е повкусен и од сладолед.

Continue Reading…

vanilla ice cream with almond hazelnut chocolate chips | Sitno seckano

Ванила сладолед / Vanilla ice cream

решив оваа година често да правам сладоледи. ова е првиот, го снема за еден ден. рецептот е на мајка ми и од него се добива најмазниот и најкремаст сладолед, а може да послужи како основа за многу вкусови. јас овде додадов семчиња од стапче ванила, за поизразен ванила вкус, и искршено темно чоколадо со бадеми и лешници.

Continue Reading…

Ванилици / Vanilla cookies

не знам дали им треба претставување на ванилиците, верувам дека сите ги знаете. баба ми често ги правеше, користејќи како калап мала чашка за ракија. го немам нејзиниот рецепт, па затоа го следев овој, на ана од блогот prstohvat soli. нејзините изгледаат исто како оние на баба ми, и јас не сменив ништо во правењето и излегоа совршени.

Continue Reading…