Banana cream pie with orange meringue

Ме немаше некое време, ама еве ме во последен момент со еден празничен рецепт. Одамна сакав да направам пита со крем и банани и еве ја, мислам дека е вистински момент за неа.

Banana cream pie with orange meringue | Sitno seckano

за тестото:

150g овесни снегулки

100g ореви

30g кокосово масло

30g путер, на собна температура

1-2 лажици мед

Во сецко сомелете ги овесните снегулки, додека не добиете овесно брашно. Префрлете ги во зделичка, а во сецкото сомелете ги оревите. Додајте ги кокосовото масло, путерот, медот и овесното брашно и вклучете го сецкото да се измешаат. Додајте малку кокосово масло, ако е тестото премногу суво, или овесни снегулки ако е многу влажно.

Загрејте ја рерната на 180°C. Тавче со пречник од околу 22 cm премачкајте со путер. Префрлете ја смесата за тестото во тавчето и натапкајте ја на дното и страните. Избоцкајте го тестото на неколку места со вилушка и ставете го да се пече 10 до 15 минути, додека не се зарумени. Потоа оставете го да се олади.

Banana cream pie with orange meringue | Sitno seckano

за филот:

5 жолчки

500 ml млеко

120 g шеќер

50g густин

1 кесичка ванилин шеќер

2-3 банани

Во средно тенџере изматете ги жолчките и млекото, додајте ги шеќерот, густинот и ванилата и повторно изматете сé да се соедини убаво. Загревајте ја полека оваа смеса на средно, со постојано мешање, додека не се згусне. Потоа тргнете го тенџерето од шпорет и следните неколку минути мешајте го повремено кремот малку да се олади.
На дното од тестото наредете кругчиња банана во еден слој. Сипете пола од кремот, израмнете го, повторно наредете еден ред кругчиња банана и ставете го остатокот од кремот. Оставете ја питата во фрижидер неколку часа да се стегне, или до следниот ден.

Banana cream pie with orange meringue | Sitno seckano

за шлагот:

3/4 шоља шеќер

1/3 шоља сок од портокал

3 белки

Во мало тенџере помешајте ги сокот од портокал и шеќерот. Загрејте го шербетот додека не почне да врие и потоа мешајте шеќерот да се стопи, а шербетот малце да се згусне.

Изматете ги белките со миксер до средно цврст снег и потоа, сé уште матејќи со миксерот, полека истурајте од шербетот во белките во тенок млаз. Матете до цврст шлаг, па ставете дебел слој шлаг врз кремот од питата и, ако сакате, посипете изрендано чоколадо.

Ваквиот шлаг долго стои без да спласне.

Banana cream pie with orange meringue | Sitno seckano

Питата може веднаш да се послужи или прво да се олади во фрижидер.

Print Friendly, PDF & Email
previous post: Мока чизкејк со маскарпоне / Mocha mascarpone cheesecake

Leave a Reply