не се разбирам во коктели, ама од неодамна добив желба да пробам да смучкам некој. ова е мојот прв обид и беше супер. употребив џин, вотка не сакам баш, а и најдов убави сочни и благи грејпфрути и сé беше на место.
Еве едно прекрасно едноставно колаче. Рецептов е од австралискиот готвач Бил Гранџер. Јас имам една од неговите книги и ми се допаѓаат неговите убави и едноставни рецепти. Лесно се прави (дали некогаш вoопшто правам тешки рецепти?) плус дома ќе ви мириса на ванила, цимет и кокос цел ден. Највкусно е топло, ама и следните неколку дена е убаво, ако воопшто потрае толку долго. Се надевам ќе ви се допадне!
вкусот на лимон добро доаѓа како додаток во многу јадења. ако ги пробавте солените марокански лимони, знаете на што мислам. ова чатни е слично, може да се додаде во разни јадења, само има поразличен, интересен вкус затоа што лимоните се печени. ние го јадевме ставено врз ориз, во сендвичи, во салата од печено цвекло… врз парче домашно лепче со пиво намачкано со путер… намачкано на пилешки стекови кои потоа ги испржив во грил-тава. помешaно со компири и моркови за печење. додадено во спанаќ, запечен со јајца на око…
во моето семејство не може да помине велигден без оваа салата. овие количини се отприлика доволни за двајца, а вие прилагодете ги според вашиот вкус.
ќе се согласите дека е време да почнеме со сладоледите. првиот сладолед што избрав да го направам годинава е многу вкусен, ама малце комплицирано се прави. не многу страшно комплицирано, ама вклучува употреба на повеќе садови и мешање покрај шпоретот. а сето тоа за да се добие интензивен вкус на портокал во кремаст сладолед.
ова е една од моите омилени манџи. долго се готви, ама нема многу работа во подготвувањето.
многу сакам салата од грав. онаква обична, сварен грав, исецкан кромид, сол, бибер, оцет, масло. ама зошто на тоа да не се додаде уште нешто? некогаш свежа рукола, а некогаш спанаќ, некогаш лукче наместо кромидот. салатава е толку вкусна, што долго ќе ви остане во сеќавање.
ова смути од последните зимски овошја ќе ве освежи после работа или после школо и ќе ви даде енергија додека ручекот не биде готов.
кисел кромид. не звучи многу примамливо. ама видете го, розев. видете со кои зачини ја дели теглата. не може да не ви замириса примамливо. така и мене, кога го видов овде и овде. страшно е вкусен во сендвич со колбас и сенф, во компир салата или со големи печени компири, а сигурно ќе ви текнат и други примени кога ќе го пробате.
Кога прв пат ја прочитав идејата за салатава на некој блог, веднаш знаев дека ќе биде одлична. Салатава е мешавина од булгур, грозје и овчо сирење и поедноставна не може да биде. Не само што е лесна за правење и евтина, туку трае со денови. Имав доволно салата за 4 дена ручек на работа. Ако немате грозје или овчо сирење, може да додадете што сакате: бело сирење, исецкано јаболко, маслинки, биено сирење, магдонос. Магдонос би бил одличен додаток.
дали сте знаеле дека ако измешате неколку “смрдливи” работи, како сирење камембер, лукче и кромид, ќе добиете одлично мезе за со пиво или со вино. ова маринирано сирење е чешки специјалитет и се прави со сирење хермелин (слично на камембер), а јас дознав за него од една другарка, ана, која исто како мене ужива во разни мезиња со пиво.
знам, си викате “пак ли хумус?”. ама овој е сосема различен и многу многу вкусен. мароканскиот лимон му додава многу интересна арома.