>Oтидовме во Португалија на одмор и видовме и јадевме прекрасни нешта. Португалија сосема не изнади, јас очекував дека ќе биде убаво ама не очекував дека ќе биде поубаво дури и од Барселона, а дефинитивно многу поубаво, порелаксирачки и попријатно од Копенхаген. Бевме во Лисабон и во Синтра – мало гратче во близина на Лисабон кое се наоѓа на планина и во националниот парк Синтра (слики од Синтра во вториот дел наскоро). Бевме и во Кaшкаиш (Cascais) – мало гратче на море.

Еве дел од што јадевме и видовме:

Свежи сардини на скара. Вкусот беше супер, поделикатен од сардини во конзерва, но имаа многу многу коски. Сардини на скара имаше во секој ресторан за 5 -6 евра со помфрит и салата.

Seabream на скара. Рибава беше супер вкусна и свежа, со многу малку коски и со сочно бело месо.

 

Еве го плоштадот Dom Pedro IV или попознат како Росио. Скоро сите прошетки во Лисабон почнуваат, завршуваат или проаѓаат низ плоштадов. Навечер фонтаните, црквите и палатите беа прекрасно осветлени.
Поглед од плоштадот Росио. Лисабон е распослан на многу мали и поголеми ридови и од многу различни места има убави погледи на градот и реката.
Ова беше нашето омилено португалско јадење. Се вика Катаплана и е манџа од ракчиња, школки (clams), домати, пиперки, кромид, компири и свеж кориандер (како компир манџа за луѓе кои живеат покрај море). Морската храна беше толку свежа и вкусна, а сепак толку едноставна, не можевме да одолееме да јадеме катаплана двапати. Катапланата ја служеа во посебен сад од бакар. Ќе се обидам да го направам јадењево дома наскоро.
Фотографија горе и долу е од уште едно фантастично португалско јадење, манџа од ориз, морска храна, домати, кромид и свеж кориандер. Во тенџерчево дури имаше и нога од краба. Беше апсолутно дивно.

Поглед на Лисабон од Калето – Castelo de Sao Jorge.

Манастирот на калуѓери од редот на Св. Џеронимо во Белем – Mosteiro dos Jeronimos.
Излог на пекара во Лисабон. Пекари имаа насекаде, и продаваа не само печени нешта, туку и свежи сокови, кафе и зготвена храна како мало ресторанче. Ова е најпознатиот десерт во Лисабон, се вика Pasteis da Nata и е мало колаченце со подлога од благо лиснато тесто и фил од крем од јајца (custard tart). Овие беа неверојатни и јас мислам дека јадев едно од овие секој ден. Посебно убави со малку цимет одозгора.
Излогот на пекарата од внатре. Имаа неверојатен избор на благи тестенца, колачи и лиснати.
Pasteis da Nata од близу.

Една од плажите во Кашкаиш. Кашкаиш беше мало шармантно гратче со мали убави плажи и стари куќи во разни пастелни бои. Тука јадевме риба на скара, ама заборавивме да ја сликаме.

Останатите слики и јадења во следниот дел….

Print Friendly, PDF & Email
previous post: Колачи со урми / Date cakes
next post: Јадење и шетање во Португалија, дел 2 …… Portugal eats & sights, part 2

Leave a Reply