пред некое време почнав да ги правам овие топчиња за секое качување на планина и секогаш се добро примени. ги правам колку залче, и таман се, ме живнуваат, ама не само на планина или после трчање, туку и после работа или во било кое друго време кога ми фали малку енергија.
ми претставува особено задоволство да ви раскажам за преплет. ако не сте чуле за нив, веднаш разгледајте го нивниот сајт, ќе најдете многу интересни работи дизајнирани од викторија и магдалена. тие ни предложија соработка на нивниот последен каталог и јас бев пресреќна дека ќе можам да зготвам нешто за нив, а даниел сето тоа да го фотографира. и, еве ги рецептите за кишовите и мафините кои се најдоа на страниците на каталогот, покрај штосните предмети со откачени пораки.
ни се расипа рерната. добро е што овие вртелешки ги направив пред тоа да се случи. инспирацијата дојде од кремот од павлака и портокал и свежите капини и боровинки кои ги имавме дома.
овие слатки мали лапни-голтни колачиња важат за тешки за правење. и точно е, може да не излезат мазни и подигнати, ама тоа не е причина да не пробате да ги направите. а и да распукаат по површината, секако ќе бидат вкусни.
нa нашето неодамнешно гостување на саемот за современи уметности “паратисима” во МКЦ, донесовме неколку јадења и, според одѕивот од посетителите, сите беа вкусни и ништо не остана неизедено. сепак, мислам дека десертот беше ѕвезда на вечерта, па еве го рецептот.
Викендов начекав многу убави благи јагоди на пазар, едни од последните, и купив поголема количина. дел од нив употребив во овие мафини. инаку мафиниве се вкусни со било кое пролетно/летно овошје. сме ги пробале и со боровинки, вишни, капини, малини, рибизли, праски, сливи и смокви, или некое замрзнато овошје. некогаш со интегрално брашно и кафеав шеќер. секогаш меки и вкусни.
не знам дали им треба претставување на ванилиците, верувам дека сите ги знаете. баба ми често ги правеше, користејќи како калап мала чашка за ракија. го немам нејзиниот рецепт, па затоа го следев овој, на ана од блогот prstohvat soli. нејзините изгледаат исто како оние на баба ми, и јас не сменив ништо во правењето и излегоа совршени.
остана уште многу малку време до доаѓањето на новата година, само неколку денови, но доволно да ги подготвите последните домашно-зготвени подароци. ви предлагаме сами да направите сенф, со јак вкус, хариса, за љубителите на луто и чоколадни распукани колачи, кои ќе бидат добредојдени и од децата и од возрасните. а за повеќе идеи разгледајте ги нашите претходни домашно-зготвени новогодишни подароци.
сé повеќе ми се допаѓаат овие колачи/лепчиња наречени скоунс. многу лесно се прилагодуваат со разни додатоци, па секогаш можете да добиете нешто различно.
веќе некое време и кај нас може да се најде киноа. ако не сте ја пробале до сега, направете го тоа. киноата многу лесно и брзо се готви, а може да се употреби наместо ориз, кус-кус, булгур или друга житарка. добро оди со печен зеленчук, месо и риба, може да се стави во супи и чорби или во салати, вкусна е и долго ќе ве држи сити. а овде ви ја предлагаме киноата како дел од вкусни колачи, кои се супер со ладно кафе или ладен чај.
во овие колачи има четири различни типови ѓумбир: изрендан свеж, мелен сув, ушеќерен и сируп од ѓумбир, ама сепак тој не е пренагласен. колачиве се ем доволно ѓумбирести, ем слатки.